Месец на Франкофонија

Претседателот Пендаровски на час по француски јазик во Гимназијата „Орце Николов“ во Скопје

07.04.2022 16:04

По повод завршувањето на Месецот на Франкофонијата, претседателот Стево Пендаровски во придружба на францускиот амбасадор Сирил Бомгарнтер, денеска ги посети билингвалните франкофонски паралелки во СУГС Гимназија „Орце Николов“ во Скопје...

По повод завршувањето на Месецот на Франкофонијата, претседателот Стево Пендаровски во придружба на францускиот амбасадор Сирил Бомгарнтер, денеска ги посети билингвалните франкофонски паралелки во СУГС Гимназија „Орце Николов“ во Скопје.

Претседателот, како што информира неговиот кабинет, бил запознаен со наставната програма на билингвалните франкофонски паралелки, меѓународната соработка што ја остваруваат со француските гимназии и заедничките педагошки проекти, можностите за училишни размени и образовните перспективи на учениците во иднина.

Во разговорите со професорите и учениците од четврта година, претседателот Пендаровски посочил дека учењето во билингвалната франкофонска паралелка претставува одлична можност не само за комуникација и усовршување на францускиот јазик, туку и за размена на искуства, посета на Франција и запознавање со богатата француска традиција и култура, и продолжување на високото образование на еминентни француски универзитети.

-Со билингвалната настава, гимназијата „Орце Николов“, се вбројува меѓу институциите кои имаат активна улога во промоција на францускиот јазик и франкофонската култура. Со негување на франкофонската традиција го продлабочуваме пријателството со Франција и го јакнеме чувството на солидарност со францускиот народ, посочил претседателот Пендаровски, додавајќи дека особено е горд што наши ученици образованието го продолжуваат и го завршуваат на реномираните француски универзитети.