Македонија

Вработените во администрацијата и правосудството и денес ќе штрајкуваат

08.04.2022 09:54

Според синдикатите, барањата се реални и неопходни, а незадоволството кај членството е сè поголемо.

Вработени во државната администрација и правосудството и денеска на двочасовен штрајк. Бараат да нема вработен со примања под минималецот, а платите линеарно да се зголемат за 2.806 денари. Се жалат и на притисоци. Според синдикатите, барањата се реални и неопходни, а незадоволството кај членството е сè поголемо.

Не бараме многу. Бараме линеарно зголемување на сите плати до 2.806 денари, исплата на минимална плата по закон и потоа корекција на платите на сите вработени кои треба да добијат над минималната плата. Ситуацијата не е одржлива. Сите вработени добија под минимална плата. Редно време е Владата да најде средства и да ги зголеми еднаш за секогаш платите во администрацијата, изјави вчера претседателот на Синдикатот на вработените во управата, правосудството и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Дејановски, најавувајќи дека ќе бараат модели на изразување незадоволство со кои ќе ги заштитат вработените да не бидат казнети од страна на работодавците.

Премиерот Ковачевски се согласува дека зголемување на платите треба да има, но не сега. Според него, покачувањето може да предизвика повисока инфлација.