Македонија

Втор ден протест на вработените во администрацијата и во правосудството

08.04.2022 12:14

Вработени во државната администрација и правосудството и денеска два часа ги напуштија своите работни места. Бараат да нема вработен со примања под минималецот, а платите линеарно да се зголемат за 2.800 денари…

Втор ден предупредувачки протести на синдикатите, но од Владата одговор нема. Мора да седнеме и да разговараме што поскоро, и да се најде решение, велат од УПОЗ. И покрај многубројните притисоци, како што велат од синдикатот, работните места два часа ги напуштиле сите вработени, синдикални членови, но и оние што не се.

„Не бараме плати за луксуз, не бараме плати за ништо друго, бараме плати за достоен живот. Овие вработени што ги гледате зад нас и денеска ќе добијат плата под минималната, бидејќи не се изменети посебните закони. Државата не ги почитува законите кои сама ги носи. Кажа и претседателот на ССМ вчера, ќе побараат од надлежните инспекторати, инспекторите да проверат, а колку ќе успеат инспекторите да ја казнат државата ќе видиме“, изјави Трпе Дејаноски, претседател на УПОЗ.

Претседателот на ССМ Дарко Димовски вели-да инфлација има, но мора да му се помогне на работникот да се справи со економската криза.

„Денеска се разбудивме со нова синдикална кошничка, зголемена за 920 денари. Во моментов за март синдикалната потрошувачка кошничка изнесува 36.687 денари. Ова јасно укажува на тоа дека е неопходно да се случи линеарно зголемување на сите плати“, нагласи првиот синдикалец, Димовски.

Ако нема скалесто покачување на платите ќе дојде до изедначување на сите вработени, од хигиеничари до раководители, велат вработените во јавните обвинителства.

„Ние не бараме покачување на плата, ние бараме само да се почитуваат законите и да се усогласат платите со минималната плата“, додаде Изабела Илиева, претседател на Синдикалната организација-Јавни обвинителства.

ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува барањата на административците, лекарите, просветарите за поголеми плати. Мицкоски потенцира дека работниците си ја сакаат државата, но мора да добијат финансиска мотивација во овие тешки времиња.

Александра Спировска