Истрага за висок владин функционер

Зеќири осомничен за склучен договор без јавна набавка, Обвинителството бара притвор

08.04.2022 12:38

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција води истражна постапка против генералниот секретар на владата Мухамед Зеќири и уште двајца хрватски државјани. Зеќири се сомничи дека ја злоупотребил постапката за јавна набавка, склучувајќи договор за консултантски услуги. Државниот буџет го оштетиле за близу 60 милиони денари. Обвинителството бара притвор. Зеќири изненаден, не знае дека за него е поведена истрага…

Обвинителството отвори истрага против генералниот секретар на Владата и двајца хрватски државјани. Осомничени се за злоупотреба на службената положба. Според докази на Обвинителството, владиниот функционер склучил договор за консултантски услуги со правно лице, без јавна набавка, во четири очи. Двајцата Хрвати му помогнале во тоа. Го оштетил буџетот за скоро 800 илјади евра, пари кои влегле на сметка на правното лице, изјави за МТВ обвинителката Русковска.

„Владата донела одлука да се објави оглас за скенирање на состојбите во АД Македонски Пошти. Осомничениот, спротивно на законот за јавни набавки склучил договор во четири очи, со претставници на хрватска фирма, и на истите им се исплатени парични средства во износ поголема од 700 илјади евра“, изјави обвинителката Вилма Рускоска.

Обвинителството за организиран криминал доставило наредба предлог за притвор, ценејќи дека постоела опасност од бегство. Русковска била известена дека двајцата Хрвати не се во земјава.

Хрватските државјани колку што имаме информација од МВР не се наоѓаат во државата. А, за бегство ние вчера ја доставивме наредбата за спроведување истражна постапка и предлог за притвор. Така да ако избега не е по вина на обвинителството во секој случај“, изјави Рускоска.

Зеќири пак изненаден. Не знае дека против него се води истрага. Многупати сме изразиле сомнеж во објективноста на работата на оваа Влада, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски. Ако е ова вистина, згрозен сум, а поради вакви причини и граѓаните си заминуваат од земјава, додава опозицискиот лидер.

„Верувам во презумција на невиност, оставам органите на прогонот да си ја завршат својата работа. Иако многу пати во минатото сме изразиле сомневање во објективноста на нивната работа, но ако е тоа вистина, тогаш сум згрозен. Еден Рашковски се замени со друг Рашковски, но треба јавноста да знае дека тие крадат за некој друг, тој којшто ги поставил таму“, изјави Мицкоски.

Од Кривичен не откриваат дали високиот функционер е повикан на распит. Се чека судија на претходна постапка да го сослуша и да одлучи по барањето на обвинителството.

Наташа Гркова-Петрушевска