Влада

Грковска: Вклученоста во Граничната меѓуагенциска единица е предуслов за успешно справување со криминалот

08.04.2022 14:15

Овој проект кој претставува заедничка соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и Царинската управа е реализиран со поддршка на Европската Унија и Канцеларијата на Обединетите Нации за справување со дрога и криминал...

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска присуствуваше на отворањето на Граничната меѓуагенциска единица (AIRCOP) на Меѓународниот аеродром Скопје, со која ќе се зајакнат капацитетите за откривање и пресретнување на патници со висок ризик.

Овој проект кој претставува заедничка соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и Царинската управа е реализиран со поддршка на Европската Унија и  Канцеларијата на Обединетите Нации за справување со дрога и криминал (UNODC), кои во континуитет даваат придонес во воспоставувањето на ефикасен систем за справување со организираниот криминал и незаконската трговија.

„Задоволство ми е што од името на Владата присуствувам на отворањето на оваа Гранична меѓуагенциска канцеларија од која очекуваме да даде големи резултати. Сузбивањето на организираниот криминал, недозволената трговија и тероризмот бара меѓуинстуционална, регионална и поширока соработка. Поддршката од ЕУ и UNODC, не само во креирањето на политики и експертизи, туку и реално на техничко ниво е од големо значење. Верувам дека ќе ја оправдаме довербата. Одговорноста е голема, но и очекувањата од резултатите од оваа Канцеларија се големи“, порача вицепремиерката Грковска.

Таа верува дека и меѓуинституционалната, но и меѓународната соработка ќе продолжи, бидејќи, како што рече „ваквата активна меѓународна соработка, вклученоста во семејството на AIRCOP, е добар предуслов за успешно справување со криминалот“.