Македонија

Салиу: Пописот не ја одразува вистинската бројка на Ромите во земјава

08.04.2022 14:26

Денес се одбележува Меѓународниот ден на Ромите. Од заедницата незадоволни од резултатите на пописот, сметаат дека тој е нерелевантен и не ја одразува вистинската бројка на Ромите во Македонија …

Пописот е нерелевантен и не ја одразува вистинската бројка на Ромите во земјава, сметаат од Демократските сили на Ромите. Додаваат дека за туѓи интереси, односно за зголемување на бројката на одредени други заедници, бројот на ромската заедница е намален.

„Ние овие денови ќе поднесеме одредени наши писмени документации, дека не е точно дека во Македонија живееме 46.333. Излегува дека ниту еден Ром не се родил во овие 20 години, односно Ромите само умирале. Напротив лично сметам дека сме повеќе од 100.000 Роми, вели Шабан Салиу, претседател на Демократски сили на Ромите.

На одбележувањето на Денот на Ромите, Салиу истакна и дека тие треба да бидат еднакви со останатите заедници. Ромите нема да престанат да се борат за остварување на своите индивидуални и колективни граѓански права. Ромската заедница во Северна Македонија многу стара и има богата историја, истакна амбасадорот на Индија.

„Многу сум среќен што гледам дека ромската заедница континуирано се развива и има нови постигнувања во Северна Македонија. Извонредно е да тоа што Ромите се вклучени во Уставот на Република Северна Македонија како националност. Тоа е признание на нивниот придонес“, нагласи Санџај Рана, амбасадор на Индија во земјава.

Ромите биле, се и ќе бидат нераскинлив дел од нашата заедничка судбина рече претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Мицкоски на свечената академија. Додаде дека тие се граѓани на Македонија и мора да имаат како и секој друг човек подобар живот и подобар стандард.

Ана Јосифоска Тодоровска