Македонија

Зеќири се појави во Кривичниот суд, Обвинителството бара притвор

08.04.2022 17:36

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поведе истражна постапка против генералниот секретар на Владата и уште двајца хрватски државјани. За Мухамед Зеќири се бара притвор. Се сомничи дека ја злоупотребил постапката за јавна набавка, склучувајќи договор за консултантски услуги. Тој сам се појави во судот во придружба на неговиот адвокат. Не одговори на прашањата на новинарите дали планира да бега, ниту пак зошто го склучил договорот...

Обвинителството отвори истрага против генералниот секретар на Владата и двајца хрватски државјани. Осомничени се за злоупотреба на службената положба. Според докази на обвинителството владиниот функционер склучил договор за консултантски услуги со правно лице, без јавна набавка, во четири очи. Двајцата Хрвати му помогнале во тоа. Го оштетил буџетот за скоро 800 илјади евра, пари кои влегле на сметка на правното лице, изјави за МТВ обвинителката Русковска.

„Владата донела одлука да се објави оглас за скенирање на состојбите во АД Македонски пошти. Осомничениот, спротивно на законот за јавни набавки склучил договор во 4 очи, со претставници на хрватска фирма, и на истите им се исплатени парични средства во износ поголема од 700 илјади евра“, изјави обвинителката Вилма Русковска.

Обвинителството за организиран криминал доставило наредба предлог за притвор, ценејќи дека постоела опасност од бегство. Русковска била известена дека двајцата Хрвати не се во земјава.

„Хрватските државјани колку што имаме информација од МВР не се не се наоѓаат во државата. А, за бегство ние вчера ја доставивме наредба за спроведување истражна постапка и предлог за притвор. Така да ако избега не е по вина на обвинителството во секој случај“, изјави обвинителката Вилма Русковска.

Многупати сме изразиле сомнеж во објективноста на работата на оваа Влада, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски. Ако е ова вистина, згрозен сум, а поради вакви причини и граѓаните си заминуваат од земјава додава опозицискиот лидер.

„Верувам во презумција на невиност, оставам органите на прогонот да си ја завршат својата работа. Иако многу пати во минатото сме изразиле сомневање во објективноста на нивната работа, но ако е тоа вистина, тогаш сум згрозен. Еден Рашковски се замени со друг Рашковски, но треба јавноста да знае дека тие крадат за некој друг, тој којшто ги поставил таму“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Од Антикорупциската комисија пак посочија дека немаат конкретни сознанија за случајот. Зеќири  поднесе неотповиклива оставка. Премиерот Ковачевски ја прифати и најави избор на нов генерален секретар на владата. Очекува транспарентна и независна истрага.

Наташа Гркова-Петрушевска