Средба Грковска-Фратини
Заменик-претседателката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска имаше состанок со претседателот на Државниот совет на Република Италија и поранешен еврокомесар за правда и безбедност, Франко Фратини, на кој се разговараше за можностите за меѓусебна соработка, особено во делот на добрите практики кои Италија ги има во креирањето на антикорупциските политики, унапредување на регулативата за јавните набавки, како и политиките за добро владеење воопшто...

Заменик-претседателката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска имаше состанок со претседателот на Државниот совет на Република Италија и поранешен еврокомесар за правда и безбедност, Франко Фратини, на кој се разговараше за можностите за меѓусебна соработка, особено во делот на добрите практики кои Италија ги има во креирањето на антикорупциските политики, унапредување на регулативата за јавните набавки, како и политиките за добро владеење воопшто.
Заменик-претседателката Грковска се заблагодари на поддршката што Италија и ја дава на Северна Македонија, како во евроинтеграцискиот процес, така и на експертско и техничко ниво и ги презентираше најзначајните столбови на нејзиното работење, а тоа се политики за поголема ефикасност и транспарентност на државните институции, дигитална трансформација на општеството, како и креирање на антикорупциски политики.
Претседателот Фратини ги поздрави резултатите што Владата на Република Северна Македонија ги постигна во делот на транспарентноста, но и реализацијата на сите реформи кои овозможија нашата држава да биде на чекор до добивање датум за преговори за членство во Европската унија.
„За мене и за мојот Кабинет е важно искуството што Италија го има во креирањето и имплементирањето на антикорупциските политики. Јас се залагам за долгорочни, одржливи решенија, но и да испорачаме ефикасни резултати. Според првичните анализи, иако имаме релативно нов Закон за јавни набавки кој обезбедува висок степен на транспарентност, неопходни се одредени интервенции кои ќе ја зголемат конкурентноста и ќе ги отстранат сите можности манипулации“, рече вицепремиерката Грковска.
