Османи: Состојбата е ужасна, ни треба итна акција и заеднички напори за да се спречат страдањата на луѓето и натамошното уназадување на состојбата
Министерот за надворешни работи на земјава, Бујар Османи, како дел од тројката претседавачи со ОБСЕ и хомолозите од Полска, Збигњев Рау и од Шведска, Ан Линде, остварија средба со нивниот колега од Украина, Дмитро Кулеба. На средбата биле дискутирани потребите на украинската страна за одбрана на својата земја, и помошта што меѓународната заедница треба да ја обезбеди на Украина за справување со последиците од војната..

Четворицата министри го посетија и прифатниот центар за бегалци Млини во близина на граничниот премин Корчова, на полско-украинската граница.
Тројката на ОБСЕ ги поддржува Украина и украинскиот народ. Особено ги осудува акциите на руските сили против цивилите. Руската агресија е прекршување на меѓународното право, ние сме против војната која ја води Русија иако не е со ништо предизвикана, изјави македонскиот министер за надворешни Османи на заедничката конференција на претседавачи на ОБСЕ со украинскиот колега Кулеба.
„Сведоци сме на хуманитарна катастрофа поради неиспровоцираната употреба на сила. Состојбата е ужасна, ни треба итна акција и заеднички напори за да се спречат страдањата на луѓето и натамошното уназадување на состојбата. Конфликтот мора да заврши веднаш. Дијалогот и дипломатијата треба да го поплочат патот кон миротворно решение што е срж на мандатот на ОБСЕ. Организацијата има механизми за намалување на тензиите, повторно да ги воспостави каналите за комуникација. Како претстојни претседавачи со ОБСЕ ќе обезбедиме можни решенија“, изјави министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи.
„Сликите од кампови и бранови на бегалци се длабоко вознемирувачки, особено за нашиот регион каде сè уште се свежи сеќавањата од војните во 90-тите години.“ нагласил Османи по средбата со шефот на украинската дипломатија. Посетата на шефот на дипломатијата Османи е прва на еден македонски министер на бегалските кампови стационирани на полско-украинската граница.
Марина Ристова
