Македонија

СОНК ќе ги соопшти деталите околу претстојниот штрајк

10.04.2022 10:34

Овој грански синдикат бара веднаш да се зголемат платите за 18,4 отсто и да се бара системско решение за усогласување на другите плати. Досега средбите со претставници на Владата останаа без договор...

Синдикатот за образование, наука и култура денеска на прес конференција ќе ги соопшти деталите околу претстојниот штрајк на просветните работници и вработените во градинките. Штрајкот беше најавен за утре, а произлегува од незадоволството на Синдикатот поради ниските плати во секторот.

Овој грански синдикат бара веднаш да се зголемат платите за 18,4 отсто и да се бара системско решение за усогласување на другите плати. Досега средбите со претставници на Владата останаа без договор.

Од Mинистерството за образование преку соопштение информираат дека од понеделник основните и средни училишта ќе продолжат со работа, ќе примаат ученици и ќе организираат настава. Оттаму велат дека прекин на наставата не смее да има, освен во услови на вонредни околности.

Претходно, од Mинистерството за труд и социјална политика преку соопштение информираа дека градинките ќе ги згрижуваат децата и за време на штрајкот, бидејќи како што велат согласно Конвенцијата за правата на детето и Уставот, неприкосновено е правото на децата да им биде пружено згрижување и воспитување во предучичишни установи.

Синдикатот доби поддршка и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата на Мицкоски велат дека вработените во образованието мора да го добијат заслуженото зголемување на платите согласно Колективниот договор. Побараа власта да направи нивелирање на коефициентите на сложеност на работните места според растот на минималната плата.

Анита Димитријевска Велковска