СОНК почнува штрајк, Владата инсистира на дијалог
Синдикатот на образованието, науката и културата, утре на штрајк. Претседателот на СОНК, Јаким Неделков со апел до вклучените во образовниот процес да бидат истрајни и да не се откажуваат од барањата за зголемување на платите. Ќе бидат во посебни простории во училиштата и во градинките, но нема да ја извршуваат својата дејност. Владата со порака-процесот на образование да не запира, дијалогот да продолжи…

Вработените во градинките и училиштата стапуваат во генерален штрајк сè до исполнување на нивните барања за поголеми плати и придонеси. Ќе се штрајкува во просторија која ќе ја определи директорот на установата, а децата нема да имаат настава, рече првиот синдикалец на СОНК, Јаким Неделков. За секој обид за минирање на штрајкот синдикалците ќе поднесуваат кривични пријави.
„СОНК нема да ги затвори училиштата и градинките, но нема да изведува воспитно-образовна и згрижувачка дејност и ќе биде во штрајк, а одговорноста за обезбедување минимум услови за функционирање на установите, како и за прифаќање на децата, ќе имаат директорите. Никој нема право да ги присилува штрајкувачите да прифаќаат, да згрижуваат и да воспитуваат деца“, изјави Неделков.
Основните и средните училишта ќе продолжат да работат, односно ќе примаат ученици и ќе организираат воспитно-образовен процес, информираат од Министерството за образование.
„Училишните раководства имаат законска должност да го организираат воспитно-образовниот процес и да овозможат продолжување на континуитетот на следење на настава во училниците, кој беше воспоставен откако по година и половина едукација на учениците во вонредни околности и услови на пандемија, тие повторно се вратија во училишните клупи, каде што впрочем им е местото“, велат од МОН.
И во соопштението на Министерството за труд и социјална политика се вели дека сите предучилишни установи ќе продолжат да ја извршуваат својата дејност згрижување и воспитание на децата и во деновите на најавениот штрајк, како и до сега.
„По повод најавениот штрајк од страна на СОНК и во предучилишните установи, а кое право е загарантирано право на работниците согласно со Уставот, при остварувањето на правото на штрајк вработените се должни да обезбедат непречено згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст“, нагласуваат од МТСП.
Ги повикувам наставниците од основните и средните училишта да ги стават интересите на децата на прво место и да се погрижат да не се наруши образовниот процес. Социјалниот дијалог е единствениот пат да дојдеме до заеднички решенија – апелира премиерот Ковачевски.
„Синдикатите бараат уште повеќе зголемување на платите. Ние нормално дека разговараме со нив, сите одлуки до сега беа носени низ социјалниот дијалог со синдикатите. Меѓутоа треба да ги имаме предвид сите аспекти на економијата, а ние сме во секојдневна комуникација и неделна координација со Народната банка, бидејќи не смееме да дозволиме одредени мерки коишто би се носеле од фискалната политика да влијаат негативно на монетарната политика и да ја подгреваат инфлацијата“, нагласува премиерот Ковачевски.
Пред две недели се одржа последната средба меѓу Владата и СОНК. Без конкретни решенија, но со заклучок за континуиран дијалог главно за социјалниот статус на вработените во образованието.
Миле Ристески
