Нега и помош на стари и лица со попреченост
Два месеци во Куманово функционира сервисот за нега и помош на стари и лица со попреченост. Обучени негователи им помагаат на овие лица во домашни услови, но и при извршувањето на секојдневните активности. Опфатени се 32 семејства.

32 семејства од Куманово се корисници на сервисот за домашна посета на стари и лица со попреченост. Проектот за нега и помош на овие лица, го спроведуваат регионалниот центар за лица со интелектуална попреченост „Порака наша“ и домот за стари лица „Зафир Сајто“. Целта е на граѓаните да им се даде можност за алтернатива на институционалното сместување во дом или друг вид институција. Со помош од обучен неговател, тие живеат нормално, извршувајќи ги секојдневните активности.
„Проектот предвидува помош во домашни услови, лична хигиена во домот и на корисникот, помош во купување намирници, прошетки на корисници на кои тоа им е потребно, носење на лекар, закажување термини, транспорт на истите“, изјави Маре Бојковска, проектен координатор „Порака наша“.
Сервисот е целосно бесплатен, а надлежните се надеваат дека како силна социјална поддршка на ранливи категории граѓани, ќе продолжи да се реализира и во иднина.
„Не само на локално ниво, туку на национално, во Куманово како најголема општина во нашата држава едноставно мора ваков сервис да функционира и да биде поддржан затоа што ние сме социјална држава и вакви социјални сервиси мора да бидат подржани“, дополни Дејан Стојановски, директор Дом за стари лица Куманово.
Во рамки на проектот набавено е моторно возило за реализирање на посетите, апарати за мерење крвен притисок, униформи и ангажирани се осум негователи. Се реализира со поддршка на Министерството за труд и социјална политика на Австрија.
Елена Георгиевска
