Пресуда

Пресудата од три години за сообраќајката кај Сити мол, неприфатлива за семејството на починатата Викторија

11.04.2022 12:07

Три години затвор за 23 годишниот возач кој усмрти пешак кај Сити Мол. Пресудата следи по само едно рочиште, на кое обвинетиот ја призна вината. Во притвор останува до правосилност на пресудата...

Три години затвор и исто толку години забрана за управување автомобил. Ова е првостепената пресуда, изречена за Јордан Ѓоргиев, момчето кое на Партизанска усмрти девојка на почетокот на годинава. Казната е под законскиот минимум.

Иако одбраната бараше куќен, Советот одлучи Ѓоргиев до правосилност на пресудата да биде зад решетки.

Одбраната на момчето задоволна со казната. Но, семејството на жртвите е незадоволно од пресудата и ќе бара Апелација да изрече повисока казна.

Леонид Даов, момче кое беше повредено во несреќата, отштета ќе бара во граѓанска постапка.

На претходното и единствено рочиште Ѓоргиев призна вина и се покаја.

Анита Д. Велковска