Образование

Тече штрајкот во Куманово, во градинките примени над 300 деца

11.04.2022 12:49

Училишните клупи денеска останаа празни и во основните и средни училишта во Куманово. Се штрајкува и во осумте објекти на детската градинка, но се згрижуваат деца. Оваа установа од општината побарала согласно за ангажирање заменски наставници, но не добила. Граѓаните со поддршка на вработените, велат повисоки плати треба да има...

Сите основни и средни училишта, како и осумте објекти на градинката „Ангел Шајче“ од Куманово, се приклучија на штрајкот кој го организира Синдикатот за образование, наука и култура за повисоки плати. Наставниците се на работа, но седат во посебна просторија, и не држат настава. Граѓаните за македонската телевизија велат дека вработените во воспитно образовниот процес имаат апсолутно право да штрајкуваат и да бараат поголеми средства во време на ваква криза.

„Апсолутно треба да имаат, се е поскапено, животниот стандард опадна во секој случај мора да има“, нагласи еден граѓанин.

„Може да се согласам со просветните работници, од друга страна не е убаво но кога дојде такво нешто, мислам дека ќе најдат решение“, вели еден граѓанин.

„Треба да се покачат сите плати, јас сум за иста цена да се покачат не тие коефициенти, кризата е за сите, и е иста за сите, да се одржуваат тие разлики но покачувањето да биде исто за сите“, нагласи трет.

И покрај штрајкот во осумте објекти на кумановската градинка утринава се згрижени 350 дечиња, бројка која е помала во споредба со претходните денови кога се движеше од 500 до 700. Во оваа установа штрајкуваат 47 проценти од вработените. Од градинката објаснуваат дека ќе продолжат со дејноста за згрижување и воспитание на деца, бидејќи согласно законите и конвенциите не смее да се прекинува процесот, освен во вонредни состојби. Посочуваат и дека од општината побарале согласност за ангажирање заменски наставници, но добиле одговор дека не се предвидени средства за таа намена.

„Од 219 вработени, 103 од вработените се во штрајк, или 47 проценти се во штрајк а останатите 53 се на работни места. Правото на штрајк е загарантирано право на секој вработен, работник согласно одредбите на Уставот но согласно упатствата дел од вработените работници имаат обврска за време на штрајкот кога го остваруваат тоа право да извршуваат и дел од некои минимални задачи за неопходно функционирање на установата“, нагласи Марина Алексовска, директорка градинка „Ангел Шајче“ Куманово.

Во основните и средните училишта во Куманово денеска клупи останаа празни, бидејќи и малиот број ученици што дојдоа, мораа да си заминат дома. Во повеќето училишта протестираа речиси сите вработени.

„Како и во сите други училишта денеска и во нашето училиште се штрајкува од сите наставници. Поддршка на штрајкот 100 процентно дадоа сите наставници. Тие се на своите работни места, во посебна просторија, во времето определено од страна на синдикатот даваат поддршка на штрајкот“, нагласи Мила Жибак, директор на средно училиште „Перо Наков“ Куманово.

Претставниците на синдикатите од училиштата посочуваат дека ќе ги следат насоките на СОНК, односно ќе штрајкуваат се до исполнување на барањата за зголемување на платите.

Елена Георгиевска