Партиите со различни ставови околу приоритетите во образованието
„Владата допрва ќе се соочува со социјални немири и штрајкови“, предупредува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Порача, власта да ги прифати барањата на СОНК, и законот за нивелирање на платите кој е предлог на ВМРО-ДПМНЕ да го врати во собраниска процедура. Од СДСМ велат – јасна е потребата од достоинствено вреднување на трудот на наставниците, но врвен приоритет треба да биде интересот на учениците...

„Владата допрва ќе се соочува со социјални немири и штрајкови“, предупреди лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој потсети дека нивните пратеници во Собранието предложија закон за нивелирање на примањата на вработените во образованието и администрацијата, согласно коефициентот за сложеност на работното место и зголемувањето на минималната плата, но мнозинството го отфрли предлогот. Мицкоски бара да се прифатат барањата на синдикалците и законското решение повторно да се врати во процедура.
Од СДСМ велат – јасна е потребата од достоинствено вреднување на трудот на наставниците, но врвен приоритет треба да биде најдобриот интерес за учениците. Од владејачката партија побараа, како што велат, ВМРО – ДПМНЕ да престане со политизација на штрајкот и посочија дека платите досега се зголемени и може да се стигне до решение преку социјалниот дијалог.
Од Левица, пак, коментираат дека власта се обидува да го задуши штрајкот во воспитно – образовните институции.
Марија Котовска
