Образование

Неделков обвини: Директори вршеле притисоци врз вработените

11.04.2022 15:08

Членовите на СОНК во генерален штрајк. Велат – не отстапуваме од барањата. Најавија кривични пријави за директорите коишто вршеле притисоци и барале списоци на вработени кои штрајкуваат. Во некои училишта нема настава. Се штрајкува и во градинките...

Просветните работници – штрајкувачи дојдоа на работа, но не држеа часови. Ваква беше сликата во најголемиот дел од скопските основни училишта. Над 25.000 членови на СОНК стапија во генерален штрајк, бараат повисоки плати. Претседателот на СОНК Неделков обвини дека директори вршеле притисоци врз вработени. Се правеле списоци за да се спречи правото на штрајк. Вели, најголеми проблеми имало во детските градинки, најави и кривични пријави.

Раководствата на училиштата тврдат дека ниту едно дете не било вратено, иако многу родители решија и да не ги пуштат децата на часови. Во скопското основно училиште Ацо Шопов речиси целиот кадар штрајкуваше.

Од вкупно 75 градинки штрајкот се одвива 54, а во 21 јавна установа воопшто не се приклучила кон штрајкот, информираат од Министерството за труд. Оттаму велат дека само во една градинка воопшто не се згрижувале деца, а некаде функционирал само еден објект.

Претседателот на СОНК Неделков е оптимист дека деновиве ќе се одржи средба со ресорното министерство за да се изнајде решение. Синдикатот најави дека членството ќе штрајкува сè додека не се зголеми платата за околу 18 проценти.

Викторија Милевска