Втор ден од генералниот штрајк на СОНК
Вработените во образованието и во градинките продолжуваат со генералниот штрајк. Од СОНК задоволни од одзивот, но обвинуваaт за притисоци. Од Образование апел - да не се жртвува образованието на децата. Нов обид на Владата и Синдикатот за договор за барањата на Синдикатот...

Дел од скопските основни и средни училишта и денеска празни. Професорите дојдоа на работа, но не држат настава. Претседателот на СОНК Неделков преку социјалните мрежи му порача на членството да остане такво какво што е, а на останатите да го послушаат срцето. Од синдикатот тврдат дека и училиштата коишто вчера работеле денеска им се приклучиле. Регионалната претседателка Лена Спасеновска рече дека се вршеле притисоци и закани, за што ќе поднесат кривична пријава.
Празни ходници и училници беше сликата на која наидовме во средното училиште Димитар Влахов. Професорите кои штрајкуваат се сместени во една просторија и не ги вршат работните обврски. Велат дека децата кои биле само 5 на број во училиштето се згрижени од нивните колеги кои не штрајкуваат.
Од СОНК велат дека ништо нема да ги предомисли и ќе го продолжат штрајкот сè додека платите не се зголемат за 18,4 проценти. Владата пак го охрабрува синдикатот да го продолжи дијалогот и да учествува и да ја преземе одговорноста за трајно решение за раст на платите. Власта останува отворена за дијалог, но без условувања со штрајк и незадоволства. Од Владата велат дека за нив врвен приоритет е растот на платите на кадарот во воспитно образовната дејност и потсетија дека за период од 5 години платите биле зголеми за 21 процент. Засега ниту од СОНК ниту од Владата не добивме потврда дали денеска е можно да се случи нова средба.
Викторија Милевска
