Македонија

Се укинува носењето маски во затворени простории, Владата ги усвои новите Ковид- мерки

12.04.2022 15:11

Владата ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести и на Координативниот штаб. Од утре без маска може да се влезе во затворен простор, освен во аптеки, болници, старски домови и во јавниот превоз. Маските паѓаат и за средношколците. Епидемиолошката состојба е стабилна, во болниците е намален бројот на хоспитализирани, велат од здравство. Епидемиолози бараат дополнително олабавување на Ковид- мерките...

Паднаа маските во затворен простор, исклучок се јавниот и такси превозот, здравствените установи, аптеките и старските домови.

Маски, нема да биде задолжително да се носат ни во средните училишта, а може да се организираат екскурзии и настава во природа.  Граѓаните со поделени мислења за олабавувањето на мерките.

Треба да почнеме да живееме нормално, вели епидемиологот Олумчев. Според него, и да се зголеми бројот на инфицирани, граѓаните ќе поминат со полесни симптоми,  што ќе помогне за  градење на колективниот имунитет. Предвидува мирно лето.

„Дали ќе биде на есен зголемена бројката, тоа ќе видиме во зависност од тоа дали ќе ни се појави некој нов сој кој ќе почне да циркулира или ќе остане Омикрон. Ако остане Омикрон, тоа ќе си биде ендемски сој кој ќе си коциркулира  со другите респираторни вируси, евентуално има најава за изготвување на поливалентна вакцина. Автријците најавија такво нешто, која би била едно одлично оружје“, изјави Сашко Олумчев – епидемиолог.

И покрај олабавувањето на мерките, лекарите апелираат на внимателност,  особено повозрасните и хронично болните.

Се намалува бројот на заболени, хоспитализирани и починати од Ковид-19. Минатата недела за 31 %  е намален бројот на заболени. Во моментов во болниците се хоспитализирани 63 лица, 25 од нив се на кислородна поддршка.

Ана Ј. Тодоровска