Посета

Пендаровски- Ѓукановиќ: Унапредување на соработката

12.04.2022 15:12

Пендаровски, кој е во прва официјална посета на Црна Гора, информира дека разговарале и за актуелните состојби во регионот и се согласиле дека во светло на војната во Украина, тие добиваат поинаква динамика.

Односите меѓу Северна Македонија и Црна Гора се одлични, а наша задача е да го одржуваме ова високо ниво, за нашите народи да продолжат со блиските врски и во иднина. Унапредувањето на економските врски треба да биде врвен приоритет, се согласија на заедничката прес-конференција во Подгорица претседателот Стево Пендаровски и неговиот домаќин црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ.

Пендаровски, кој е во прва официјална посета на Црна Гора, информира дека разговарале и за актуелните состојби во регионот и се согласиле дека во светло на војната во Украина, тие добиваат поинаква динамика.

Денес, кога сведочиме на ужасните злосторства предизвикани од руската инвазија на Украина, сметаме дека тоа треба да значи и пресвртница во односите помеѓу ЕУ и регионот. Европските интеграции се процес кој овозможува длабинска трансформација и реформи во насока на демократизација на општествата и не случајно Европската Унија е стратешка цел и на Северна Македонија и на Црна Гора. Особено ја цениме принципиелната позиција на Црна Гора за наметнатите пречки на нашиот европски пат, препознавајќи го ризикот за сите нас од внесување на билатерални прашања во европската агенда, истакна Пендаровски.

Шефот на државата нагласи дека нашите преговори за членство се тест за кредибилитетот на Европската Унија.

Потребни се стратешки одлуки веднаш, во спротивно трендовите на опаѓање на граѓанската поддршка за интеграциите кои се видливи ќе стануваат се посилни, нагласи Пендаровски.