Лишен од слобода третиот осомничен за убиството на ракометарот Тот
Лицето се предало на органите на прогонот на територијата на Скопје...

Министерството за внатрешни работи утринава го извести Основното јавно обвинителство Скопје дека е лишено од слобода лицето А.Ѓ. по кое се трагаше врз основа на издадена Наредба за спроведување истражна постапка за кривично дело – Убиство од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Лицето се предало на органите на прогонот на територијата на Скопје. За осомничениот, по предлог на јавниот обвинител, судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје веќе има донесено решение за определување мерка притвор во траење од 30 дена.
А.Ѓ. е првоосомничен за убиството на 28 годишниот ракометар од Хрватска Денис Тот, кого како што се гледа на снимките од безбедносните камери, пред дискотеката „Привилиџ“ во градскиот парк, минатата недела го удрил, од што ракометарот паднал на асфалтот и се здобил со смртоносни повреди на кои подоцна им подлегна на КАРИЛ.
