Претседателот на италијанскиот Дом на пратеници, во посета на Македонија
Прва работна посета на претседател на италијанскиот Парламент по 23 години. Во фокусот на разговорите на Роберто Фико со неговиот домаќин Талат Џафери, евроинтеграцијата и соработката како сојузници во НАТО. Двајцата спикери се согласиле дека почетокот на преговори со ЕУ не смее повеќе да се одложува...

Почетокот на преговори со ЕУ не смее повеќе да се одложува, истакна претседателот на италијанскиот парламент Роберто Фико по средбата со својот домаќин спикерот Талат Џафери. Укажа дека ситуацијата во Украина покажала дека евроинтеграцијата на западниот Балкан е безбедносно прашања за кое никој не смее да се спротивставува.
„Следниве месеци ќе бидат многу важни за можноста да се отворат преговорите за пристапување кон Европската унија. Сметам дека не смее повеќе да се одложува. Од гледна точка на Италија ќе направиме сè што можеме за да работиме со сите наши европски партнери, за да може да се дојде до вистинско започнување на преговорите за влез во Европската унија“, изјави претседателот на Домот на пратеници на италијанската Република Роберто Фико.
Постојаното одложување на стартот на преговорите покрај исполнетите критериуми ја зголемува недовербата на македонските граѓани во Унијата, истакнал претседателот на Собранието Џафери на средбата со гостинот од Италија.
„Очекуваме во рамките на француското претседавање со советот на Европската унија, а особено од планираниот Самит посветен на западниот Балкан и проширување во јуни оваа година, да се испратат јасни конкретни пораки до сите земји членки, особено до нашиот источен сосед, Република Бугарија, дека започнувањето на преговорите на ЕУ со Република Северна Македонија и со Република Албанија е повеќе од императив и секое натамошно одолговлекување ќе значи натамошно влошување на ситуацијата“, изјави претседателот на Собранието Талат Џафери.
Билатералните односи меѓу двете пријателски држави се одлични, но постои можност за поголема соработка во сите сфери.
На средбата на шефовите на парламентите на двете земји било расправано и за соработката во рамки на НАТО, како и соработката во рамки на мисијата КФОР на Косово, каде Македонија има свои војници, а Италија заменик командант.
Ирина Гелевска
