Трет ден членството на СОНК е во штрајк
Синдикатот и Министерството за образование се подготвени да најдат решение во интерес на двете страни, но договор за нова средба нема...

Синдикатот и Министерството за образование се подготвени да најдат решение во интерес на двете страни, но договор за нова средба нема.
Трет ден членството на СОНК е во штрајк, со барање за 18,4 % да се зголемат платите во воспитно образовната дејност. Претседателот на синдикатот, Неделков, на социјалните мрежи напиша дека се надева дека ќе бидат повикани денес и ќе им биде, како што вели, дадена разумна понуда.
„Подготвен сум да пренамениме дел од буџетските средства на МОН, за да се доближиме до процентот на покачување на платите кој го бара СОНК“, изјави министерот за образование, Шаќири.
Вели, подготвен е да направи отстапки од повеќе инвестиции за да се обезбедат повеќе средства. Истото, побарал да го сторат и другите министри во Влада.
Според Шаќири, преговорите со СОНК се интензивираат и се надева дека до крајот на оваа недела ќе се постигне договор.
Наставниците треба интересот на децата да го стават на прво место, решението да се бара преку социјален дијалог, а не со уцени, велат од СДСМ.
Од партијата рекоа дека го вреднуваат трудот на вработените во образованието и згрижувачката дејност, со тоа што платите изминатите години ги зголеми, како што велат за над 6.400 денари.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, ќе предложи закон за нивелирање на коефициентот на сложеност во образованието со минималната плата. Бараат поддршка и од пратениците на СДСМ.
Според партијата со ова, ќе дојде и до општ пораст на платите во образованието.
Власта наместо да им се заканува и да се обидува да ги попречува во штрајкот, да го прифати предлог-законот на ВМРО-ДПМНЕ кој ќе биде поднесен во Собранието, а со кој ќе се решат проблемите на просветните работници стои во соопштенито од партијата.
Викторија Милевска
