Штрајкот тече непречено
И покрај штрајкот осумте објекти на кумановската градинка Ангел Шајче згрижуваат деца. Штрајкот во североисточниот регион продолжува непречено. Протестираат вработените во речиси сите воспитни установи, освен градинка во Кратово и основно училиште во Крива Паланка. Од регионалниот одбор на СОНК велат штрајкот тече мирно, но има индиции за притисоци во две синдикални организации...

Непречено тече штрајкот на вработените во кумановските градинки и основни и средни училишта. Во осумте објекти на градинката „Ангел Шајче“, според нивните податоци, штрајкуваат 48 проценти од вработените, а според бројот на членовите на СОНК тој изнесува 81 процент. Од градинката нагласуваат дека штрајкот не го попречува процесот на функционирање на објектите. Но има нешто помал број згрижени деца, во споредба со претходните денови кога изнесуваше од 500 до 700.
Првиот ден беа 350 денеска се згрижени 380 дечиња, но сепак им порачувам на родителите, имаме доволен персонал со кој можеме да ги згрижиме сите деца кои имаат потреба, штрајкот да не ги спречува да ги носат децата во градинка-нагласи Марина Алексовска, директорка градинка „Ангел Шајче“ Куманово.
Од кумановската градинка се осврнаа и на барањето на СОНК за унапредување на бројот на приправници. Во установата велат има 24 приправници од кои само девет вработени ги исполнуваат условите. Согласноста е добиена, по завршување на штрајкот ќе започне постапката за објавување интерен оглас. Во североисточниот регион во шесте општини се штрајкува речиси стопроцентно во речиси сите воспитно образовани установи. Не протестираат само вработените во градинката „Царка Андреевска“ во Кратово и основното училиште „Јоаким Крчовски“ во Крива Паланка.
„Од сите 6-мина градоначалници немам поплаки, штрајкот се одвива без притисоци во регион Куманово со некои мали индиции, непроверени, бидејќи нашите колеги од двете споменати синдикални организации кои не штрајкуваат имаме јавувања во централата анонимни, дека одредени директори/ки им вршат притисок да не штрајкуваат“, посочи Никола Стојмановски.
Доколку се утврдат притисоците, ќе следуваат кривични пријави. Од СОНК потенцираат и дека нивните служби проверуваат дали во кумановската градинка се врши само згрижувачка дејност, а не и воспитна, како и дали во објектите се згрижуваат деца од различни возрасни групи во една занимална. Дополнуваат и дека одредени директори во бројките на лицата коишто не штрајкуваат ги впишуваат и вработените кои користат боледување.
Елена Георгиевска
