Евроинтеграции

Ако интеграцијата се одолговлекува, барањето на Албанија ќе биде легитимно

13.04.2022 16:46

„Да не се наметнуваат билатералните прашања како предуслов за влез во Европската унија“ сметаат претставниците на невладините. Според нив, ако интеграцијата се одолговлекува, ќе биде легитимно барањето на Албанија сама да ги почне претпристапните преговори…

Сега нема да се случи одвојување на Албанија и земјава во процесот за прием, но доколку се одолговлечи, сосема ќе биде легитимно барањето на Албанија таа сама да ги почне претпристапните преговори, тврдат невладините организации од регионов кои дебатираа за третирањето на владеењето на правото во ЕУ и земјите-кандидатки.

Голем проблем е кога билатералните прашања го оптоваруваат процесот на пристапување, како што е случајот со нашата земја и Бугарија, тврди Иван Новосел од хрватската „Куќа на владеење на правото“. Споменувајќи го примерот со проблемот на Хрватска и Словенија за Пиранскиот залив кој се реши со политички притисок, посочи дека ЕУ може да го реши тоа откако земјите ќе го почнат процесот преку мониторинг каков што имаа Романија и Бугарија.

Новосел смета дека Европската унија поинаку го третира владеењето на правото во нејзини рамки отколку во земјите-кандидатки, иако во Унијата се забележуваат проблеми врзани со владеење на правото. Таков е примерот со Унгарија и Полска кои се на пат на дезинтеграција на европското право какво што го познаваме.

Учесниците се согласни дека за земјава е важно случаите на висока корупција да добијат разрешница, затоа што Европската унија будно ги следи како клучни механизми на кои се обрнува посебно внимание.

Фиљана Кока