Приведен првоосомничениот за убиството на Тот, за лекарска грешка МЗ дополнително ќе се изјасни
Приведен е 28-годишниот Анџело Ѓорѓиевски, првоосомничен за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, соопшти полицијата. Одреден му е притвор. Министерот за здравство Сали го добил извештајот од спроведената инспекција на КАРИЛ, се чекаат документите и од Судска медицина, по што комисија ќе го проверува целиот случај...

Откако бил притиснат од полицијата, сам се предал. Приведен е 28- годишниот Анџело Ѓорѓиевски, првоосомничен за убиството на ракометарот Денис Тот. Веднаш бил спроведен во истражниот затвор, каде што се и другите двајца осомничени.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека осомничениот за убиството е обезбеден поради притисокот на јавноста, а министерот Спасовски, шест дена менувал изјави. Беше потребно медиумите да објават снимка, за МВР да каже дека станува збор за убиство, велат од партијата.
Дали имало лекарска грешка во третманот на Тот, Министерот за здравство дополнително ќе се изјасни. Сали информира дека се чека извештајот од Институтот за судска медицина за да се комплетира документацијата.
Обвинителството има тројца осомничени за убиството на ракометарот од Хрватска. По кратка расправија пред ноќен клуб во гратскиот парк, тројцата го нападнале удирајќи го со тупаници и клоци. Не престанале да го тепаат ни кога момчето паднало на земја и останало да лежи неподвижно.
Анита Д. Велковска
