Нема договор меѓу МОН и СОНК, штрајкот продолжува
Нема договор по денешната средба меѓу министерот за образование и првиот човек на СОНК. Неделков вели дека не добил конкретно ветување за процентот за зголемување на платите. Штрајкот продолжува. Шаќири со порака – приоритет е враќањето на учениците во клупите. Секој нереализиран наставен ден ќе значи пролонгирање на учебната година.

Министерството за образование и СОНК не се договорија. Штрајкот продолжува. „Немаме конкретно ветување дека зголемувањето на платите ќе биде во висина од некој процент“, соопшти првиот човек на синдикатот, Неделков. Истакна дека разговорите повеќе се одвивале за тоа кога ќе продолжи наставата и како ќе се надополнат часовите, кои се последиците од штрајкот.
Неделков рече дека Владата има расположение за зголемување на платите и за таа цел се прават напори за пренасочување буџетски средства.
Од МОН во соопштение наведоа дека го почитуваат синдикалното право на штрајк и во ниту еден момент не го попречуваат неговото спроведување. Но, според министерството, загрижува формата и времето во кое тоа се применува. Подготвени се да го продолжат дијалогот, но без условувања и нереални барања, кои само ги отежнуваат преговорите.
„Одлуката на СОНК за организирање на генерален штрајк во образованието не само што го надминува предизвикот, туку напротив создава повеќе дополнителни проблеми“, велат од министерството и додаваат дека секој пропуштен наставен ден ќе значи продолжување на учебната година.
Ана Јосифоска Тодоровска
