Меморандум за соработка во одбраната

Петровска во работна посета на Косово

14.04.2022 08:23

Во Приштина, министерката Петровска ќе има средба со министерот за одбрана на Косово, Арменд Мехај..

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска ќе престојува во еднодневна работна посета на Косово.

Во Приштина, министерката Петровска ќе има средба со министерот за одбрана на Косово, Арменд Мехај, по што средба ќе имаат и двете делегации. Министерката Петровска и министерот Мехај во косовското Министерство за одбрана ќе потпишат нов Меморандум за соработка во одбраната.

Петровска во командата на НАТО мисијата на Косово, КФОР, ќе се сретне со заменик – командантот на мисијата, италијанскиот бригаден генерал Лука Пиперни, по што во Командата на регион Запад, во Пеќ, ќе се сретне со командантот на оваа команда, полковникот Марко Јавароне, како и со контингентот од 74 припадници на Армијата на Република Северна Македонија кои се дел од оваа мисија.

Дел од делегацијата предводена од министерката Петровска е и командантот на Командата за операции, бригадниот генерал Бесник Емини.

Северна Македонија од 2007 година обезбедува логистичка поддршка на НАТО мисијата во Косово, а од 2020 година како земја – членка на Алијансата во КФОР придонесува и со припадници на Армијата. Во моментов оваа мисија брои над 3.700 војници од 28 нации.