Македонија

Сè уште е рано за пренамена на модуларната болница во Куманово

14.04.2022 13:41

Стабилна е состојбата со Ковид-19 во Куманово. На инфективниот оддел се лекуваат само шестмина пациенти. Модуларната болница не функционира веќе еден месец, но надлежните укажуваат дека се уште е рано да се размислува за нејзина пренамена...

Состојбата со коронавирусот во најголемата општина во земјава е стабилна.

На инфективниот оддел во Општата болница во Куманово хоспитализирани се само шест пациенти, а според податоците на Министерството за здравство позитивни на вирусот се 28 лица. Намален е метежот во дневната амбуланта, како и пред лабораторијата.

„Поголем дел од пациентите се без симптоми или со лесни симптоми, кои што доаѓаат за брис од различни причини или пројавиле некоја симптоматологија или знаат дека имале контакт со позитивен, некој можеби заради патување, но за среќа се асимптопатски“, вели директорката на Општата болница во Куманово, Снежана Захариева.

Поради малиот број новозаболени и хоспитализирани од Ковид-19, пред еден месец беше затворена и модуларната болница. Надлежните информираат дека во меѓувреме се направени процедурите за чистење, дезинфекција и санација на објектот. Поучени од пандемијата укажуваат дека се уште е рано да се размислува за пренамена на монтажниот објект, иако повеќето држави започнале да ги користат за различни намени.

„Ова се објекти од времен карактер, не е цврста градба, во различни држави, различно се користи. Имав можност да видам како се користат во Израел, се користат за вонредни состојби, прегледи, тријажа на пациенти, дневни болници и слично. Не можам да не кажам дека многу ни се најде овој објект кога беше за прв пат отворен на 8-ми март 2021 година. Навистина имавме потреба од дополнителни болнички капацитети за сместување на пациентите, за да не ги притеснуваме другите оддели“, дополни Захариева.

Од кумановската болница нагласуваат дека изминативе години имало прераспределби на вработените, а таа пракса ќе продолжи и во наредниот период, секогаш кога има потреба за надополнување на персонал, со цел граѓаните да имаат квалитетна услуга.

 

Елена Георгиевска