Романија не поддржува раздвојување на Македонија и Албанија во ЕУ процесот
Официјален Букурешт не поддржува раздвојување на Скопје и Тирана на патот кон Европската унија. Оваа порака ја пренесе шефот на романската дипломатија, БогданАауреску. Тој бара преговорите да започнат што поскоро. Македонскиот министер Османи, пак, вели дека напорите се до јуни да се стигне до решение...

„Целосно сте подготвени за почеток на пристапните преговори со Европската унија“, порака од шефот на романската дипломатија, Богдан Ауреску по средбата со македонскиот колега Бујар Османи. Ауреску истакна дека официјален Букурешт нема да поддржи раздвојување на Скопје и Тирина на патот кон Брисел и дека е важно брзо изнаоѓање решение за двете земји заедно да ги почнат преговорите.
Османи со став – иако не е долгорочен интерес на Албанија да се одвои од нас, Тирана сепак има право да го крене гласот и да каже – ги исполнивме сите критериуми, зошто да бидеме заложници на досието на друга земја. Османи додава дека во моментов, има документ прифатлив за македонската страна, но сè додека не се добие одговор дали и Бугарија го прифаќа, тој не може да ги информира јавноста и пратениците за неговата содржина.
Една од главните теми на средбата била и состојбата во Украина. Двајцата соговорници дискутирале за надминување на ефектите од руската инвазија. Македонија е во целост усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, вклучувајќи ги сите мерки и санкции, констатирано на средбата.
Марија Котовска
