Власта и опозицијата со различни ставови за штрајкот во образованието
Партиите меѓусебно со обвинувања околу штрајкот на просветните работници. Опозицијата го поддржува и вели дека подготвува законско решение за поголеми плати на наставниот кадар. Во СДСМ пак повикуваат интересите на учениците да се пред сè, бидејќи трпи образовниот процес...

Власта и опозицијата со различни ставови за штрајкот во образованието. По првата средба меѓу ресорното министерство и раководството на СОНК, ВМРО-ДПМНЕ смета дека власта се служи со притисоци само за да не ги зголеми платите на наставниот кадар, кои како што велат, се под секое ниво. Имаат пари за договори на Зеќири и Рашковски, а немаат за наставниот кадар – коментира потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски.
„Штрајкот е оправдан, сметам дека она што го бараат вработените во градинките, во основните и во средните училишта, она што го бараат воспитувачките, она што го бараат учителите и учителките, наставниците и наставничките, професорите и професорките и сите вработени во градинките, во основните, во средните училишта, во високото образование. Секако тука спаѓаат и оние коишто се во дејностите поврзани со нив е оправдано. Затоа што навистина платите сега се под секакво достоинство и под секакво нормално ниво и треба да бидат зголемени. ВМРО-ДПМНЕ има концепт за зголемување на платите на наставниот кадар кој ќе значи многу подобар квалитет на нивниот живот и дека решението ќе го поднесеме во македонското Собрание“, вели Александар Николовски.
До решение е можно да се дојде само преку дијалог, без какви било уцени. Разбирлива е потребата од достоинствено вреднување на трудот на секој работник, секако и на наставниците – велат во СДСМ. Во владејачката партија апелираа, СОНК да се врати на дијалогот, да продолжат разговорите, наставниците да се водат од интересите на учениците кои се иднината на државата.
„Да не се дозволи штрајкот да влијае на прекин на образовниот процес или на продолжување на учебната година. Прекин на наставата ќе го наруши наставниот процес, ќе доведе до работни саботи или пролонгирање на учебната година и пократок летен распуст затоа што програмата на часови мора да биде остварена. Исто така тоа негативно ќе се одрази и на уписите, на полагањето државна матура, но и на полагањето стручен испит за околу петстотини наставници“, вели Лидија Тасевска.
И додека штрајкот на наставниот кадар трае, политичките партии се обвинуваат меѓусебно и кажуваат кој повеќе допринел за повисоки плати.
Миле Ристески
