Шаќири: Да ги вратиме учениците во училишните клупи, повисоки плати ќе има
Министерот за образование и наука Шаќири со писмо до членството на СОНК – бара да се прекине штрајкот. Вели повисоки плати ќе има, но што поскоро децата да ги вратиме во училиштата. Неделков порача-членството ќе одлучи дали ќе се прекине штрајкот. Инспекциите да ги проверат наводите за притисоците и заканите во градинките...

Просветните работници наместо бараното покачување, добија писмо од министерот за образование Шаќири да го прекинат генералниот штрајк. Вели мора учениците веднаш да се вратат во училиштата затоа што губат премногу настава. Тврди дека повисоки плати ќе има за што поддршка добил од премиерот и министрите во Владата но не кажа колкаво ќе биде покачувањето. Бара да продолжи социјалниот дијалог со СОНК, но штрајкот да прекине.
Според претседателот Неделков без прифатлив предлог од страна на МОН е невозможно како што рече да се прекине штрајкот. Обвини дека директори на градинки вршат притисок врз штрајкувачите, за што подготвуваат и кривични пријави. Неделков со повик до надлежните органи да ги истражат овие случувања.
Министерот Шаќири е дециден дека учениците ќе мора да ги надоместат загубените часови, и според законот како што рече не е предвидено да се скрати наставата за побрзо да се учат наставните програми.
Викторија Милевска
