Образование - Штрајк

Сѐ уште нема договор за повисоки плати, штрајкот продолжува петти ден

15.04.2022 09:12

МОН вчера повика наставата да продолжи, а паралелно да има преговори, на што СОНК одговори дека без прифатлив предлог и понуден процент за покачување на платите, не може да го прекинат штрајкот...

Во училиштата и градинките ќе се штрајкува петти ден, зашто сѐ уште нема договор за повисоки плати на вработените. МОН вчера повика наставата да продолжи, а паралелно да има преговори, на што СОНК одговори дека без прифатлив предлог и понуден процент за покачување на платите, не може да го прекинат штрајкот.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири рече дека го почитува правото на штрајк, како уставно и законски загарантирано, но дека синдикалното раководство треба да му даде предност на социјалниот дијалог и додека тој трае, редовната настава да продолжи, притоа потсетувајќи на загубеното во изминатите две години поради пандемијата.

Тежиме кон иста цел, но се движиме по различни патишта. И наша цел е штрајкот побргу да заврши и децата да се вратат во клупите и занималните, но треба да ни се вкрстат патиштата и да има прифатливо решение за штрајкот да прекине. Уверени сме дека го правиме вистинското во интерес на членството. Без прифатлив предлог, практично е невозможно да се прекине штрајкот… дали 18,4 или друг процент, ние мора да имаме понуда, истакна Неделков.