Има договор прифатлив за Скопје, Софија е на потег
Османи, нагласи дека сè уште не може да каже дека имаме договор меѓу двете страни по однос на еден документ што треба да биде сеопфатно решение за сите разлики што ги имаме со Бугарија...

Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи вчера информира дека има документ како основа за договор со Бугарија прифатлив за македонската страна, но сè уште нема одговор дали тој е прифатлив и за Софија, посочувајќи дека кога ќе има согласност по однос на кој било документ како основа за договор со Бугарија, пред да се стави потпис ќе ја информира јавноста и пратениците. Одвојувањето на Тирана од Скопје на патот кон ЕУ, пак, според него, ќе ја влоши регионалната динамика на долгорочен план.
Османи, нагласи дека сè уште не може да каже дека имаме договор меѓу двете страни по однос на еден документ што треба да биде сеопфатно решение за сите разлики што ги имаме со Бугарија.
„Да, има еден таков документ што ние сме спремни да го прифатиме, меѓутоа сè додека не добиеме одговор дека е прифатлив и за Бугарија сметам дека не се созреани тие предуслови за да можам јас да ги информирам пратениците и јавноста, бидејќи тој може да биде одбиен и тогаш сето тоа би било непотребно“, истакна Османи по средбата со шефот на романската дипломатија Богдан Ауреску, кој вчера беше во работна посета на земјава.
