Македонија

Над 2.000 деца питачи во критична состојба во Куманово

15.04.2022 12:53

Граѓаните да престанат да им даваат пари на децата кои питачат бидејќи со тоа повеќе им одмагаат. Институциите мора да го решат проблемот, велат од организацијата „Градиме иднина“, која го истражува овој проблем. Според анализата над 2.000 деца дневно се принудени да питачат. Застрашувачки е што на над 2.000 здравствената состојба им е лоша...

Над 2.000 деца питачи се во критична здравствена состојба, а 18.700 не се во училишните клупи и детски градинки, покажува истражувањето на Здружението „Градиме иднина“, во рамки на проектот „Стоп за питачење и злоупотреба на децата и нивното здравје“. Од ова здружение укажуваат дека на дневно ниво 2.000 деца денот го поминуваат на улица. Најчесто велат се принудени тоа да го прават, од биолошките родители, старатели или организации. Со питачењето собираат од 3 до 4.000 денари, но парите посочуваат не завршуваат кај нив.

„Апелирам до сите граѓани на ниво на Општина Куманово до сите возачи, локални барови, ресторани, училишта, градинки, маркети, бензински станици престанете да им давате пари, да ги правиме зависници. 50 деца користат наркотични средства, ги обучуваат организаторите и биолошките родители, и на нив им следува затворска казна до 10 години“, вели Илија Јовановиќ, претседател НО „Градиме иднина“.

Истражувањето покажало дека 1.146 средношколци користат наркотични средства, а регистрирани се и сексуални злоупотреби кај женските деца. За дел од случаите за кои алармирале веќе реагирале надлежните институции. Покренати се неколку кривични постапки во Скопје, Струга и Кичево.

„Јавното обвинителство Скопје се вклучи и веќе започна акција во одземање на родителско право, кривична одговорност со затворски казни, одземање на децата, сместување во групни домови. Не се откажуваме проектот ќе трае сè додека последното дете не се тргне и не се отстрани од питачењето. Среќен сум што МВР имаше слух веднаш да спроведе акција да бидат запишани во посебни матични Ромите и заведени во матичната книга на родени“, дополни Јовановиќ.

Здружението ќе продолжи да истражува и да алармира за овој проблем. Бараат институционално решавање и отстранување на децата питачи од улиците.

Елена Георгиевска