Протест „Правда за Викторија“ пред Кривичен суд
Со солзи во очите и празни погледи, семејството и пријателите на 24 годишната Викторија Николова која во јануари загина во сообраќајна несреќа кај „Сити мол“, побараа правда...

Прв пат занемеа кога ја изгубија Викторија, втор пат кога само три години казна му пресудија на возачот кој ја прегази! Денеска немо протестираа пред судот за да се преиначи казната. Со солзи во очите и празни погледи, семејството и пријателите на 24 годишната Викторија Николова која во јануари загина во сообраќајна несреќа кај „Сити мол“, побараа правда.
„Овој протест е уште еден кренат глас, до ова судство, до оваа неправдина која не боли до коска и оваа пресуда од судијката Љубинка Бошевска. Како да не сме луѓе, како да не нема! Како да се кријат во нивните удобни фотелји, а трњата ние ги газиме, ние патиме! Ние губиме и човек и правдина и надеж!“, рече Лилјана Николова, сестра на Викторија.
Во така поставен обвинителен акт, каде што казната е од 4 до 20 години, дадена е казна под законскиот минимум, вели адвокатот на семејството на Викторија. Според него, ова не е само неправда кон Викторија, ова е неправда кон институцијата Обвинителство, неправда и порака за целата држава.
„Најголемата закана за правдата е неправда! Ја имаме кај нас во државата благодарение на судовите во изобилие 31 година, ја добивме и пред четири дена. На предметот на кој се расправаше за смртта на Викторија Николова и повредениот Леонид Даов успеавме да видиме дека овде ниту се важни закони, ниту некој бара правда, ниту пак имаме владение на правото. Затоа бараме за жал на улица да се слушне гласот на народот, затоа што пред 80 дена беше Викторија, утре може да биде секој од нас!“, изјави Владимир Михајловиќ, адвокат на семејството.
Присутните преку транспаренти потсетија на уште неколку жртви на пешаци низ земјата. Обвинителството за овој случај поднесе жалба, а Михајловиќ е дециден дека не станува збор за барање крв за крв, туку казна според законот.
Реагираше Основниот кривичен суд во Скопје, велат во целост го почитуваат Уставното загарантирано право за протест за искажување на незадоволството, но оти потсетуваат дека судот изрекол првостепена пресуда која сè уште не е правосилна и која ќе подлежи на проверка од повисоките судови во жалбена постапка.
Катерина Топалова
