Опозицијата бара одговори од Османи
Бугарското МНР тврди дека уште во февруари ги одбило предлозите од Скопје како неприфатливи. Најавен контрапредлог. Османи уверува дека интензивно се трага по решение, ВМРО-ДПМНЕ бара јавно да го обелодени документот испратен до Софија...

Бугарското МНР се огласи по коментарите на македонскиот министер за надворешни работи Османи, кој чека одговор од Софија за документ за решавање на спорот. Оттаму велат дека предлозите биле одбиени уште во февруари и оти кога ќе има суштествен напредок, тие ќе испратат контрапредлози за доближување на позициите. Разговорите продолжуваат. Бугарскиот премиер Петков кусо одговара – не сум потпишал никаков документ.
„Никаков документ јас не сум потпишал од бугарска страна. Секогаш сме се држеле, секогаш сме се придржувале до коалицискиот договор и постојната рамковна позиција за Република Северна Македонија“, изјави Кирил Петков.
Министерот Османи потенцира дека со источниот сосед разговорите се во интензивна фаза за надминување на разликите, со цел подигање на рампата за преговори со ЕУ. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го повика Османи да го објави документот за да се види што точно е опфатено во него.
„За ова треба да дадат одговор денес, а не да молчат и да кријат цело време зошто тој документ е таен и што има Владата да сокрие од македонската јавност? Доколку се е како што велат во интерес на граѓаните зошто би го криеле. Тоа нас ни дава право и како политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, но и на граѓаните да се сомневаме дека се подготвува ново предавство на штета на националните и државните интереси и тоа за нас потенцираме дека е неприфатливо и ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати таков штетен договор“, нагласи Арсовски.
Засега состојбите остануваат статус кво. Земјава останува блокирана од Бугарија за старт на пристапните преговори со ЕУ. Викендов, бугарскиот премиер Петков ќе престојува во Битола.
Миле Ристески
