Протерани руски дипломати
Рускиот амбасадор Баздникин повикан во македонското Министерство за надворешни работи. Уште шест дипломати прогласени за непожелни личности поради активности коишто се во спротивност на Виенската конвенција...

Уште шестмина руски дипломати се протерани од земјава. Од Министерството за надворешни работи информираа дека според информации добиени од надлежните органи, дипломатите извршувале активности коишто се спротивни на Виенската конвенција. Тие треба да ја напуштат територијата на Македонија во следниве пет дена.
Во македонското МНР бил повикан и рускиот амбасадор во Македонија Сегеј Баздникин. Нему му била врачена дипломатска нота со која шестмината дипломати на руската федерација во земјава се прогласуваат за непожелни односно за персона нон грата.
МНР сличен потег повлече и пред две недели, кога петмина руски дипломати од амбасадата во Скопје беа прогласени за непожелни личности, а лани тоа беше случај со двајца, кога Москва реагираше со реципрочни мерки, односно протерување на македонски дипломати од Русија.
Поради инвазијата врз Украина, нашата држава се приклучи кон санкциите на Европската унија, а Русија нè прогласи за непријателска држава.
Марија Котовска
