Македонија

СОНК на средба со Владата- има предлози, но не и договор

15.04.2022 15:05

И по новата средба СОНК – Влада, конкретен договор нема. Дијалогот продолжува, допрва ќе се утврдува процентот на зголемување на платите и можностите за покривање од Буџетот. Викендов ќе знае дали ќе ги усогласат ставовите за од понеделник да продолжи наставата. Додека преговараат, во некои од училиштата се примаат заменски наставници...

Без конкретен договор заврши средбата меѓу СОНК и Владата. Преговорите викендов ќе се интензивираат за да се утврди за колкав процент ќе се зголемат платите, за што е потребен ребаланс на буџетот. Од Владата соопштија дека премиерот Ковачевски е отворен за дијалог за воспоставување систем за раст на платите и за траен модел, во консултација со синдикатите, кој нема да биде условуван и предизвикан од штрајкови. Раководството на СОНК за разговорите ќе се консултира со членството. Одлука, дали штрајкот ќе биде ставен во мирување треба да има до недела.

„Ќе дадеме напатствија во однос на членството, изјаснување за главното барање на Владата, за во интерес на учениците и децата во градинки, штрајкот да се стави во мирување сè додека за два три, не се дефинира нивниот предлог и нашето прифаќање или отфрлање“ рече претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

Додека траеа преговорите во Владата, во основното училиште „Мирче Ацев“ едни наставници штрајкуваа, други конкурираа да бидат заменски. Тие од понеделник треба да почнат да држат настава. Од СОНК велат дека со ова се кршат работничките права и правото на штрајк.

„Се обративме до Агенција за вработување, од таму во текот на вчерашниот ден ни испратија листа со заменски наставници, ние успеавме да ги исконтактираме најголем дел од нив, но веднаш морам да кажам дека интересот беше слаб“, вели директорката Гордана Насковска.

„Нашето училиште е прво кое добило список од Агенција за вработување а истото како чекор за притисок ќе го добијат и другите училишта“, вели претседателот на синдикалната организација Влатко Костовски.

На петтиот ден од штрајкот, инцидент во Ѓорче Петров. На градинка испишани погрдни зборови за синдикатот. Вандализиран објектот на градинката „Росица“, клон „Детелинка“ во Ѓорче Петров. Случајот е пријавен во МВР.

„Ова ја нагрдува целата слика на овој објект меѓутоа тоа е еден аспект, вториот е дека на овој начин се врши невиден притисок и агресија врз самите негуватели и воспитувачи кои се учесници во штрајкот“, вели Александар Стојаноски, градоначалник на општината Ѓорче Петров

Штрајкот на СОНК почна во понеделникот.

Викторија Милевска