Генералот Митруцикос, нов командант на Бригадата на Југоисточна Европа стационирана во Куманово
На свеченото примопредавање на должноста од генералот Аристеидис Илиопулос на генералот Евангелос Митруцикос, присуствуваше заменикот министер Башким Хасани кој порача дека оваа бригада е успех за целиот регион...

Бригадниот генерал Евангелос Митруцикос од грчката армија е новиот командант на Бригадата на Југоисточна Европа, чиј домаќин до 2026 година е Северна Македонија.
На свеченото примопредавање на должноста од генералот Аристеидис Илиопулос на генералот Евангелос Митруцикос, присуствуваше заменикот министер Башким Хасани кој порача дека оваа бригада е успех за целиот регион и за Северна Македонија зашто претставува прво учество на припадници на Армијата во мултинационална средина.
„Тоа беа нашите први чекори во нашата определба да бидеме дел од меѓународните мировни мисии и да го дадеме својот придонес кон зачувување на стабилноста и безбедноста во регионот и во меѓународната заедница. Со основањето, нашите припадници ја добија можноста да работат во мултинационална средина каде ги калеа клучните вештини и способности кои подоцна ги пренесуваа на своите колеги во мисиите во Ирак, Авганистан, Босна и Херцеговина и Либан“, порача заменикот министер.
Хасани подвлече дека посветеноста и професионалноста на припадниците на Армијата во оваа Бригада беше првиот чекор во стекнувањето на висока доверба која денес ја имаат сите членки и партнери на НАТО во припадниците на Армијата. Додаде дека Бригадата стана симбол на обединетост и на соработка во нашиот регион и затоа од особена важност е земјите да продолжат заедно да придонесуваат во регионалната стабилност.
