Струга

„Храбро срце“ ќе ја подигнува свеста за органодарителство

17.04.2022 12:31

Со кампања под мотото „Предизвик“ Националното здружение „Храбро срце“ ќе ја подигнува свеста за органодарителство кај младата популација. Велат свеста за органодарување во земјава сè уште е многу ниска, потребна е национална кампања со поддршка од државата и институциите, но и измени во законот...

Органодарителството во земјава сè уште е на многу ниско ниво. Дарувањето органи се смета за највисок чин на хуманост, во моменти кога згаснува еден живот, да се подари живот некому кој го делат денови до смртта. Националното здружение „Храбро срце“ деновиве започнува нова кампања за подигнување на јавната свест. Под мотото „Предизвик“ ги повикуваат младите со објавување видеа да ги поддржат на социјалните мрежи.

„Секој кој сака да го поддржи здружението снима видео со поддршка за здружението и подигање на свеста за органодарителството. Го објавува видеото на својот инстаграм и профил го одбележува здружението фан страната и одбележува свој пријател“, вели Васко Јолески претседател на „Храбро срце“.

Иако законот за органодарителство во земјава е донесен со консензус на верските заедници, голем дел од населението сè уште не го прифаќа поради верски обичаи. Од „Храбро срце“ велат сами ја водат битката, но потребна е национална кампања со поддршка од државата и институциите.

„За жал оние коишто треба да ја подигаат свеста и кој треба најмногу да вложуваат во тоа се оглушуваат. Односно власта не прави ништо за да покрене една голема кампања, силна кампања по примерот на Хрватска кои денес стигнаа да се врв во Европа“, вели Јолески претседател на „Храбро срце“.

Потребни се и измени во законот, со што секој човек ќе може да биде потенцијален донор, доколку во животот потпишал таква изјава. Досега во земјава има само шест органодарувања од починат донор, а кампањата ја поддржаа политичари, доктори, спортисти и јавни личности.

Соња Рилковска