Трибина на ВМРО - ДПМНЕ

Трибина: Повисоки плати за просветниот кадар

17.04.2022 17:24

Сашо Клекоски член на Извршниот комитет истакна дека заминувањето на Мила Царовска од Министерството за образование докажува дека владата на СДСМ водела неуспешни политики во образовниот систем. Според него, за квалитетно образование е потребно е значајно зголемување на буџетот во образованието...

Повисоки плати за просветниот кадар е трибината на опозициската ВМРО- ДПМНЕ каде што се разговараше за состојбата во образованието. Беше речено дека иако областа е столбот на државата власта предводена од СДСМ континуирано го руши тој столб. Сашо Клекоски член на Извршниот комитет истакна дека заминувањето на Мила Царовска од Министерството за образование докажува дека владата на СДСМ водела неуспешни политики во образовниот систем. Според него, за квалитетно образование е потребно е значајно зголемување на буџетот во образованието.

„Во моментот со ваква плата во образованието ние не можеме да привлечеме доволно кадар на сите нивоа, никогаш немало толку ниски плати, ова е комплетно демотивирачки за кадрите да останат во образованието туку се повеќе размислуваат да го напуштат процесот и да бараат некое друго решение надвор од образовниот систем“, рече Сашо Клековски – член на Извршен комитет на ВМРО – ДПМНЕ.

Претседателката на Комисијата за образование и наука Јаневска потенцираше дека состојбата која доведе до штрајк во образованието е предизвикана од долгорочно незадоволство. Според неа, на образовниот кадар му е згазено достоинството и се сведени на состојба на преживување.

„Не е во прашање само платата. Значи наставниците примаат помала плата од просечната плата во нашата држава што ги доведува до една незавидна состојба и состојба на зависност од власта и од многу други чинители. Оние кои очекуваме да бидат столб на државата да градат нови кадри, успешни кадри со компетенции, тие луѓе всушност се со згазено достоинство и сведени се на ситуација на преживување“, рече Весна Јаневска, претседателка на Комисијата за образование и наука на ВМРО – ДПМНЕ

Јаневска ја искоментира и изјавата на министерот за образование Јетон Шаќири кој побара од наставниците да се вратат на настава. Според неа, ученикот и наставата се на прво место, но Владата е должна да им го реши проблемот и итно треба да им даде 18 проценти покачување. Анастасија Илиеска вели дека ад-хок решенијата на Владата кои се носат за неколку недели или месеци, не ги покажуваа очекуваните ефекти. Според неа, решавањето на минималната плата, предизвикало хаос, што Владата требало да го предвиди. Потребни се суштински политики во образованието кои ќе го поттикнат и развојот на приватниот сектор, децидна Илиеска.

Маја Стојанова