Македонија

Ковачевски: Стоиме зад слободните убедувања на сите граѓани, очекуваме реципроцитет

17.04.2022 19:28

Политиката на отворени врати е историски успех за обезбедување мир и безбедност на целиот европски континент...

Како Влада стоиме зад слободните убедувања на сите граѓани, очекуваме ист пристап и реципроцитет за бугарските граѓани со македонско самосознание, вели премиерот Димитар Ковачевски во изјава за МИА на прашањето да го искоментира отворањето на клубот при културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола.

„Владата на Република Северна Македонија како и јавноста со нетрпение го очекува денот кога и кај нашите соседи ќе созрее времето кога и таму оние граѓани кои имаат, на пример, македонско самосознание, ќе можат на ист таков слободен начин да ги практикуваат своите уверувања“, изјави премиерот Ковачевски.

„Долгорочното одложување на европската интеграција влијае врз зголемување на евроскептицизмот и недовербата во целина, проширувањето на ЕУ ќе ја зголеми безбедноста и ќе ја стабилизира демократијата.“, вели премиерот Ковачевски во интервјуто за грчкиот весник „То вима“. Затоа според Ковачевски не постои алтернатива на членството во ЕУ.

„Пречката за почеток на преговорите на Албанија и Северна Македонија се чувствува во целиот регион како удар за Унијата. Недостигот на одобрување на преговарачка рамка губи драгоцено време. Важно е, особено во контекст на војната во Украина, процесот да започне без ден одлагање. Потребно е Северна Македонија да има кристална европска перспектива, да има предвидлив, сигурен, силен и забрзан интегративен процес“, истакнува премиерот.

Во интервјуто за грчка То вима порачува: „НАТО и ЕУ треба да го задржат својот кредибилитет за да го зајакнат регионот“, а политиката на отворени врати е историски успех за обезбедување мир и безбедност на целиот европски континент.

Ирина Гелевска