Продолжува штрајкот во училиштата и градинките
СОНК реши, штрајкот продолжува. Не се согласуваат со 10 насто покачување, велат не ја покрива тековната инфлација. Упатија извинување и до родителите и до децата за загубеното време. На прес конференција испорачаа и други барања до Владата...

Штрајкот во училиштата и градинките низ државава на членовите на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) продолжува. Втора работна недела нема настава и згрижување на децата. Советот на СОНК не го прифати предлогот на Владата за 10 проценти покачување на платите со кој би се прекинал штрајкот почнат на 11 април.
Зголемувањето на платите од 10 проценти во детска заштита, основно и средно образование воопшто не кореспондира со висината на зголемување на минималната плата оваа година и не е соодветна стимулација за враќање на достоинството на професијата, рече претседателот на СОНК Јаким Неделков на прес-конференција по седницата на Советот на СОНК, чие членство бара зголемување на платите за 18,4 проценти и нивно усогласување со минималната плата.
За СОНК е неприфатливо тоа што добиле усен предлог за 10 процентно зголемување на платите, односно 95 проценти од синдикалните организации се изјасниле за отфрлање на таквата усна понуда.
Неделков пренесе дека членовите на СОНК констатирале дека ваквиот пристап од страна на Владата не води во правец на брзо решавање на проблемот и прекинување на штрајкот. Сепак, како што рече, Советот на СОНК е подготвен да има интензивни и рационални преговори со Владата на кои би се усогласиле спорните прашања и би се потпишала спогодба, како би можело во најкраток можен рок да продолжи воспитно-образовниот процес.
Според Неделков, учениците нема да бидат скратени од понудата и можност да надоместат за тоа што сега го имаат изгубено во тек на штрајкот. Предвидена е, појасни, скратена наставна програма со која наставната содржина ќе се реализира во целост во позбиена форма или со поголема динамика.
