Јотова во Охрид

Впишувањето на Бугарите во Уставот не е единствениот услов за тргање на ветото

18.04.2022 09:09

Јотова не отстапува од максималистичките бугарски барања. Во Охрид отворајќи библиотека со дела на бугарски јазик, таа рече дека Софија не признава малцинства. Вклучувањето на бугарската заедница во преамбулата на Уставот не е единствен услов за почетокот на евроинтеграциите, рече потпретседателката.

И да ги ставиме македонските Бугари во уставот, Бугарија нема да го тргне ветото за почетокот на преговорите со Европската Унија. Ова по отворањето на Културно-информативниот центар „Балкански хоризонти“ во Охрид го рече потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова. Според неа после тоа треба да се исполнат и другите поставени услови како што се менувањето на одредени текстови во учебниците за средно образование, да бидат отворени архивите за случаите со лица коишто покажале бугарска самосвест, но и да престане сквернавењето на спомениците на загинати бугарски војници. Ниту опасноста од прелевање на кризата на балканските простори поради војната во Украина за Јотова не е причина да се дозволи почеток на преговорите со ЕУ.

„Не знам зошто се прави таква врска, бидејќи тука станува збор за исполнување на критериуми коишто секоја земја треба да ги исполни за да тргне по тој пат. Нема никаква корелација помеѓу едното и другото за да ја тргнеме рампата, а однесувањето на Бугарија кон војната во Украина е јасно и нашите решенија ги усогласуваме со партнерите во Европската Унија“, изјави Илијана Јотова-потпретседател на Бугарија.

Што се однесува до признавањето на правата на Македонците во Бугарија за што има пресуди и од судот во Стразбур Јотова рече дека тие немаат малцинства во нивната земја.

„Во Бугарија нема малцинства, многу е убаво што вие имате малцинства но според нашиот Устав нема малцинства и како таков е признаен од ЕУ. Што се однесува до пресудите во Стразбур, тоа решение е во врска со почитувањето на човековите права и никогаш не пишувало дека Бугарија треба да признае македонско малцинство“, изјави Јотова.

Јотова нагласи дека Бугарија и во иднина ќе се залага за правата на македонските бугари и никогаш нема да каже „ДА“ за членство во ЕУ додека тие не се решат.

Инаку бугарската делегација утрото положи венци на спомен обележјето на загинатите бугарски граѓани во бродската несреќа во 2009-тата и го посети Дневниот центар за деца со аутизам во Општата болница.

Дводневната посета на бугарската делегација на нашата држава денеска се заокружи во Охрид. Се очекуваа таа да придонесе за подобрување на билатералните односи помеѓу двете земји, но и за олеснување при реализацијата на Договорот за пријателство.

Сашо Нелоски