Здравство

Зголемен бројот на оперативни зафати во Охридската болница

19.04.2022 11:34

По смирувањето на коронакризата во охридската Општа болница драстично е зголемен бројот на оперативни зафати. Сепак додека дел од лекарите во оперативниот блок интензивно работат, некои како да се на одмор и во просек вршат десеттина операции на годишно ниво. Директорот на болницата Горан Балески смета дека докторите се добро платени и доколку имаат услови треба повеќе да вложуваат во себе за да им пружаат солидни услуги на пациентите, а не тие да се препраќаат во други болници…

Бројот на оперативни зафати во охридската Општа болница во првиот квартал од годинава е за три пати поголем во споредба со истиот период лани. Сепак директорот на оваа установа Горан Балески не е задоволен од работата на сите оддели во Оперативниот блок иако како олеснителна околност ја смета двегодишната битка со коронавирусот. Проблемот е во тоа што во некои од одделите се вршат по 30 до 35 операции неделно, додека во други има само по десеттина операции годишно, а платите на лекарите се исти.

„Платата на лекарите со дежурства не е мала сигурно, сум работел и приватно и секаде и знам што треба и во странски болници за таа плата колку треба да се сработи. Значи медицината е аскетска работа, или работиш и живееш како војник или замини си. Медицината не познава ни пријатели, ни партии, ни врски“, изјави д-р Горан Балески, директор на Општа болница Охрид.

Што се однесува до квалитетот на образованието на младите лекари Балески вели дека или тие во минатото повеќе учеле или има проблеми во системот на образование.

„Мене ме прашуваат да одам да се школувам во странство. Човек што учи и Скопје да заврши во државен тој ќе може, за медицина зборувам не можам за другите, може да работи каде што сака, ако заврши со учење. Човек во Скопје што завршил со висок просек во државен тој не може да е слаб лекар“, вели д-р Балески.

Инаку охридската Општа болница има долгови од над три и пол милиони евра и сметката и е блокирана како и на многу други болници во земјава. Ние тоа не можеме да го решиме вели Балески туку државата, а наше е да го примиме секој пациент којшто има потреба од здравствени услуги.

Сашо Нелоски