Дипломатија

Османи: Процесот на разговори со Бугарија продолжува, нема да подлегнеме на провокации

19.04.2022 12:11

Отворањето на клубот на Бугарскиот културен центар под името „Ванчо Михајлов“ беше провокација, на која не наседнавме, вели шефот на дипломатијата Османи. Смета дека со неприсуството на отворањето како реакција од официјалните македонски власти, се испратило порака дека се почитуваат човековите права на сите во земјава, но и дека немаме заедничка историја со Бугарија...

Отворањето на клубот на Бугарскиот културен центар под името „Ванчо Михајлов“ беше провокација, на која не наседнавме, вели шефот на дипломатијата Османи. Додава дека освен провокатори на настанот биле и бугарски политичари кои се обиделе да не се уназади она што во последните шест месеци е позитивен напредок во односите меѓу двете земји.

Османи смета дека со неприсуството на отворањето како реакција од официјалните македонски власти, се испратило порака дека се почитуваат човековите права на сите во земјава, но и дека немаме заедничка историја со Бугарија.

„Ние излеговме победници од ова што се случи. Затоа што прво, наративот дека ние не почитуваме човекови права не поминува. Второ, наративот дека не секоја историја може да се прикаже како заедничка, што не беше сфатено од некои европски партнери, за коишто добивам пораки, сега им е јасно за што зборувате. Бидејќи сега сами се изложија. Тоа што дипоматијата не можеше со месеци да го објасни, што всушност правиме ние, за еден час се објасни“, изјави шефот на дипломатијата, Османи.

Османи призна дека регистрацијата на клубот се направило поради дупки во законите, откако во 2019-та Министерството за правда одбила да даде дозвола.

„Ние ги зачувавме нашите вредности и принципи по однос на слободата на организирање. Но, и го зачувавме и заштитивме нашиот имиџ пред светот, јас добив такви пораки од колеги. А останува, бугарската влада има свое министерство кое се грижи за својот имиџ и ќе ја објасни реакцијата на Еврејската заедница“, нагласи Османи.

Османи вели дека ќе продолжи работата за отстранување на пречката за почеток на преговори во јуни согласно веќе утврдените позиции во Собранието.

Ирина Гелевска