2.000 деца во државата секојдневно питачат на улиците
Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство и Центрите за социјални работи спроведуваат акции за опомена и санкционирање на лицата кои злоупотребуваат деца за питачење. Според невладината организација „Градиме иднина“ жртви се децата од семејства во социјален ризик, а најчесто се злоупотребуваат од страна на нивните родители…

Четириесет родители во државата се опоменати за злоупотреба на децата за питачење, на 23 им е одземено родителското право, 76 родители се под надзор, за 56 се води кривична постапка, а на 24 им е поднесена кривична пријава за злоупотреба на деца за питачење. 18.700 деца во државата не посетуваат училиште или градинка. Ова се резултати од истражувањето на Здружението за заштита на маргинализирани граѓани „Градиме иднина“.
Во Штип има дваесеттина деца кои питачат. Еден од начините да се намали нивниот број е да се подобрат условите за домување на Ромите.
Куманово, Велес, Охрид, Прилеп, Битола, Кичево и Струга се градовите каде има најмногу деца на улица. Решението според невладината „Градиме иднина“ е да има повеќе дневни центри за овие деца и санкционирање на сите кои профитираат од нив. Законот предвидува казна затвор во траење до десет години.
Славица Величковска
