СОНК: Штрајкот продолжува, но со притисоци
Штрајкот во училиштата и градинките во североистокот продолжува. Протестираат 95 проценти од образовните установи. Од СОНК информираат дека се забележани притисоци во дел од општините...

Продолжува штрајкот во училиштата и градинките во североистокот.
Од регионалниот одбор на Синдикатот за образование, наука и култура, велат, поддршката е 95 проценти. Не штрајкуваат само основното училиште „Јоаким Крчовски“ од Крива Паланка и градинката „Царка Адреевска“ од Кратово. Забележани се и притисоци во дел од општините. На нивни членови кои се дел и од политички партии, а се без решение за вработување, им бил поставен ултиматум да го прекинат штрајкот или да излезат од партијата.
„Во локалните самоуправи Куманово, Старо Нагоричане, Ранковце и Липково од страна на политичките партии засега немаме притисоци. Притисоци имаме во Крива Паланка во средното училиште „Ѓорче Петров“ и продолжува несмалениот притисок во градинката „Детелинка“ во Крива Паланка“, истакна Никола Стојмановски, претседател на РО СОНК за североисток.
Од СОНК аларимираат и за обид во државното средно училиште „Киро Бурназ“ во Куманово, штрајкот да се реализира во две смени.
„На реакција на вработените, директорката се повлекла. Имало и обид во средното училиште „Перо Наков“ истата директорка се обидела да се стави во улога на координатор на средните училишта во Куманово со цел да ги организира и да ги подели штрајкувачите во две смени, што е одбиено“, дополни Стојмановски.
Директорката на „Киро Бурназ“, за Македонската телевизија, вели дека имало само консултација дали штрајкот да се одвива во две смени.
„Направивме консултација со претседателот на штрајкувачкиот одбор, како и со другите училишта. Одлуката е непроменета, штрајкот се одвива во една смена и тоа се почитува без никаков притисок“, вели директорката на ДСУ РЦСОО „Киро Бурназ“ во Куманово“, Весна Трајковска.
Штрајкот во останатите училишта и градинки во Куманово се одвива непречено. Досега не се регистрирани обиди за испраќање заменски наставници.
Елена Георгиевска
