Ако не се исполнат барањата, КСС секојдневно ќе протестира од 26-ти април
Конфедерацијата на синдикати со апел до Владата да се зголеми бодот, во спротивно најавуваат протести. Штрајкот на просветните работници за зголемување на платите продолжува. На адреса на Народниот правобранител стигнале претставки од родители кои иако го поддржуваат штрајкот, бараат наставниот процес да продолжи. Министерот Шаќири не гледа причина за недоверба во процесот на преговори за зголемување на платите…

Доколку до пладне на 26-ти април Владата на седница не го зголеми бодот од 81 на 103 денари бруто, Конфедерацијата на слободни синдикати најави секојдневни протести. Ќе се собираат пред Собранието и Владата, по завршување на работното време во 16 часот.
За КСС не е прифатливо линеарното зголемување на платите од 2.800 денари, затоа што, објаснуваат, тоа повлекува измени во повеќе системски закони, а со тоа и одолговлекување на целиот процес.
За актуелниот штрајк, министерот за образование Шаќири ги повика наставниците да се вратат на работа, да го прифатат предлогот за зголемување на платите од 10 насто, а дијалогот да продолжи.
Претставки од родители стигнале и до канцеларијата на Народниот правобранител. Се жалат за нарушување на уставно загарантираното право на образование на децата.
Периодов повеќе синдикати во земјава организираат протести или најавуваат штрајкови како резултат на неусогласувањето на минималната со останатите плати.
Анита Димитријевска Велковска
