Македонија

Тренчевска: На штрајкувачите ќе им се платат само придонесите

20.04.2022 11:25

Нагласи дека тоа не значи притисок кон нив да го прекинат штрајкот, туку само почитување на законите и Колективниот договор.

На вработените во образованието и детските градинки кои штрајкуваат државата ќе им исплати само придонеси, изјави денеска министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска. Нагласи дека тоа не значи притисок кон нив да го прекинат штрајкот, туку само почитување на законите и Колективниот договор.

„Во Колективниот договор за детска заштита за градинките кои се во надлежност на МТСП, убаво е дефинирано што треба да се прави во случај на штрајк и што е должен да направи работодавачот. Истото е дефинирано и во Законот за работни односи каде се вели дека во услови на штрајк работодавачот е должен да исплати придонеси на сите оние работници кои штрајкуваат на најниската основица за исплата на придонесите. Следниот член – 241 дава можност СОНК да обезбеди исплата на нето плата за сите оние работници кои штрајкуваат. Затоа сметам дека се работи само за почитување на законите, а не за какви било притисоци или уцени од страна на МТСП врз вработените во градинките кои штрајкуваат“, рече Тренчевска.

Министерката побара СОНК да ја преиспита одлуката и неговите претставници и членството да седнат да разговараат за конкретниот предлог, и да го прифатат, со цел, како што рече, штрајкот да прекине и учениците да се вратат во училиштата и во градинките.